Тајна која Американците ја чекаа 80 години: Откриено е кој научник на Советите им го открил „рецептот“ за атомска бомба

19

Новите декласикувани документи го открија неверојатниот домет до кој советската разузнавачка служба продрела во американската програма за нуклеарно вооружување во 40-тите години од минатиот век.

Додека досега на сите им беа познати тројца шпиони, сега откриен е идентитетот на четврт кој на властите во Москва веројатно им дал најмногу информации за тоа како да произведат атомска бомба.

Станува збор за Оскар Себорер, дете на полски еврејски имигранти, роден во Њујорк 1921-ва година. Студирал електротехника на Државниот универзитет „Охајо“, а во 1942-ра година започнал да работи на „Проектот Менхетн“ – главната американска тајна програма за развој на атомска бомба. Лично присуствувал на „Тринити тестот“ во 1945-та година, првата вештачка нуклеарна детонација која ја докажала одржливоста на атомската бомба.

Сепак, Себорер бил и советски шпион кој имал кодно име „Годсенд“ (Испратен од Бога), а за нуклеарната програма на Советскиот сојуз бил токму тоа. Токму Себорер на комунистичките власти им предал клучни информации за изработка на моќното оружје.

Историчарите Харви Клер и Џон Ерл Хајнс го откриле обемот на шпионажата на Себорер во нивната нова стручна работа во врска со животот на најпознатите шпиони. Нивната работа се потпира на новите декласификувани извештаи на ЦИА во кои детално се опишани тајните на Себорер кој побегнал во СССР во 1951-ва година.

„Фасцинантно е. Немавме поим дека тој е толку многу важен“, изјави Клер за „Њујорк Тајмс“.

Документите на ЦИА датираат од 1956-та година, четири години откако Себорер побегнал во Советскиот сојуз. Како што вели Клер за споменатиот медиум, ФБИ за прв пат ги откриле доказите за потенцијалната шпионска улога на Себорер во 1955-та година.

Инаку, доказите против Себорер биле слаби – документите не ја опишуваат неговата шпионажа, туку е само забележано што тој можел да украде или што може да ги научи Советите врз основа на тоа за што имал пристап. Сепак, јасно било дека тој стои зад откривањето на тајни, затоа што советите претставиле дијаграм за нуклеарен уред во 1946-та година, четири месеци откако Себорер го напуштил Лос Аламос – станувало збор за решение кое што било идентично, или во најмала рака инспирирано од Американците.

На крајот, Советите ја детонирале својата прва нуклеарна бомба четири години по американскиот „Тринити тест“ на 29-ти август 1949-та година, а во изработката на бомбата им помогнале бројни шпиони, меѓу кои и Себорер.