Твитер го тужи Маск за раскинување на договорот

0

Компанијата Твитер го тужи Илон Маск на суд за прекршување на договорот вреден 44 милијарди долари за купување на социјалната мрежа.

Твитер побара од судот во Делавер да му нареди на најбогатиот човек на светот да го заврши спојувањето по договорена цена од 54,20 долари по акција на Твитер.

„Откако направи јавен спектакл и откако предложи и потоа потпиша договор за спојување пријателски настроен кон продавачот, Маск очигледно верува дека, за разлика од која било друга страна што подлежи на законот за договори во Делавер, тој може слободно да го промени своето мислење, да ја уништи компанијата, да го наруши нејзиното работење, да ја уништи вредноста на акционерите и да си замине“, се вели во тужбата, според Ројтерс.

Маск во петокот објави дека се откажува од намерата да ја купи компанијата за 44 милијарди долари, тврдејќи дека Твитер не открил важни информации, како што е специфичниот број на лажни профили и спам мејлови.