Тепачка меѓу Карпошани и Трнодолци за ДУП-от (ВИДЕО)

9

Жители на Трнодол и Карпош се степаа меѓусебно на јавна презентација на Детален урбанистички план во простории на Урбаната заедница. Нешто што требаше да биде културна дискусија и размена на ставови помеѓу засегнатите жители, се претвори во турканица и размена на тупаници. Дискусијата не ни започна иако беше најавена за денес во 15:30 часот, а дел од присутните се степаа половина час потоа.

На камерата на Телма и на другите медиуми не им беше дозволено да влезат внатре и да ги снимат разжестените жители додека и претставници од Општина Карпош беа присутни таму. Снимивме кога оние коишто беа дел од турканиците и завршија со некаква повреда беа изнесувани надвор од објектот. Полицијата влезе внатре за веднаш да направи записник.

Јавната презентација која што не се одржи, жителите на Трнодол ја гледаа како шанса да ги вкрстат копјата со луѓето од Општината затоа што се плашат дека ќе се гради населба на ридот кај Трнодол. Нешто за што градоначалникот ги убедува дека нема да се случи.

Стефан Богоев одговара дека некој измислува лажни вести во врска со Деталниот урбанистички план. Ниту е планирана, ниту ќе се планира нова населба на ридот кај Трнодол.

Тепачката која што се случи во Урбаната заедница „Кузман Јосифовски – Питу“ ја одложи јавната презентација на ДУП-от за некоја друга, непозната дата. Во салата внатре во која има столчиња за околу триесетина, дојдоа повеќе од стотина луѓе.