Тешкото за Путин допрва доаѓа

16

Силен бран протести повторно се крева во Русија. Два последователни викенда, на 23 и 31 јануари, Алексеј Навални успеа да изнесе на улица десетици илјади граѓани кои се спротивставија на корумпираната влада на Владимир Путин. И покрај полициското насилство и над 4.000 приведени, енергијата на протестот не стивнува. Демонстрациите и митинзите секако ќе продолжат и во наредните недели.

Сепак, ова не се најмасовните протести на кои е сведок Русија во последно време. Зимата 2011-12, на пример, околу 100 000 луѓе излегоа во Москва, испровоцирани од фалсификатите на изборите за Државната дума (долниот дом на Федералното собрание). Тоа е двојно повеќе од сегашниот број.

Летото 2019 година, кога владата отстрани голем број опозициски кандидати од локалните избори во Москва, митинзите беа исто така побројни. Ова предизвикува скептицизам. Брановите протести доаѓаат и си одат, но моќта на Путин останува непоколеблива. Сепак, ваквите паралели се малку збунувачки. Она што е забележително во моментов не е толку бројката, туку невидениот географски опсег на протестите. Среде озлогласената руска зима и со КОВИД-19 митинзи се одржаа во 122 градови низ Руската Федерација – 11 временски зони од Калининград на Балтичко Море до Јужно-Сахалинск и Петропавловск-Камчатски во Пацификот.

Во многу од овие региони, луѓето за прв пат протестираат против Путин, иако избувнувањата на незадоволство против локалните благородници и корумпираните службеници не се невообичаени. Друга работа не смее да се заборави. Едно е да се протестира во Москва, Санкт Петербург или Екатеринбург, друго е во провинциски град каде последиците од учеството во антивладини демонстрации можат да бидат посериозни. Во исто време, режимот во Русија во 2021 година е далеку порепресивен отколку во 2011/12 година.

Локалната мобилизација не треба да не изненадува. Прво, Навални и неговиот Фонд за борба против корупцијтаа со години градеа структури низ целата земја, потпирајќи се на мрежи на активисти на теренот и вклучени во локални цели. Нивната кампања за т.н. „паметно гласање“ на локалните и регионалните избори во 2019 година ги расипа сметките на Путин и „Единствена Русија“ и ги елиминираше луѓето одобрени од Кремљ од власта. Второ, пораките на Навални во кои обвинува членови на елитата за злоупотреба на моќ и корупција одекнуваат во целото општество, не само во Москва или Санкт Петербург.

На пример, според анкетата од декември 2015 година, 38% од руските граѓани биле свесни за истрагата на Фондот за тогашниот јавен обвинител Јуриј Чајка, а 82% од нив ги прифатиле наодите како веродостојни. Видеото за тајната палата на Путин на брегот на Црното Море е прегледано повеќе од 105 милиони пати на Јутјуб. Ова е повеќе од двојно повеќе од истрагата за тогашниот премиер Дмитриј Медведев во 2017 година.

Навални станува популарен поради кризата на легитимноста. Долги години јавната поддршка за Путин беше голема и не страдаше од недостаток на доверба во државните институции и судската елита. Поради оваа причина, Фондот за борба против корупцијата не беше насочен кон Путин, туку кон компромитирани личности како Медведев, Чајка или олигархот Евгениј Пригогин.

Но, денес, силниот човек во Кремљ исто така, изгледа ранлив. Рејтингот на Путин опаѓа. Според анкетата 55% од руските граѓани се подготвени да гласаат за него на претседателските избори, но само околу 30% му веруваат. За споредба, довербата во него беше над 80% во периодот по анексијата на Крим во 2014 година. Постои исто така разлика во генерациите. Кај најмладите (на возраст меѓу 18-24 години), рејтингот на доверба опаѓа за околу 20%.

Со други зборови, на Путин повеќе не се гледа како на добар крал опкружен со алчни и платеници. Тој е заштитно лице на делегитимираниот систем. Приказните за пустошот во 90-тите или подмолниот Запад не го компензираат падот на популарноста.

Тоа не значи секако дека во Русија претстои револуција на масите под водство на Навални. Кремљ има значителни енергетски ресурси. Ескалацијата на насилството на 31 јануари е јасен знак за демонстрантите. На Навали сигурно му се закануваат години затвор. Најверојатно постои опасност и за неговите блиски соработници. Властите ќе ја искористат полицијата, судството и сите други можни органи за да извршат притисок врз демонстрантите.

Во исто време, Кремљ може да купи поддршка од јавноста преку повеликодушни фискални мерки, субвенции и социјални трошоци. Тековните девизни резерви на Русија изнесуваат рекордни 600 милијарди долари. Властите може едноставно да чекаат и да остават протестите да згаснат со текот на времето. Техника што ни е добро позната во Бугарија. Со други зборови, на краток рок, Путин нема за што да се грижи. Има простор за маневар, а политичките и економските елити остануваат обединети зад него, и покрај незадоволството кај масите.

Прашањето е што ќе се случи на среден и долг рок. Тука Навални веќе извојува важна победа, бидејќи успеа да ја постави агендата. Дури и Путин, кој со години избегнуваше да го именува својот противник, беше принуден да даде објаснување во врска со палатата Геленџик.

Кризата на легитимноста нема да се надмине ниту со обвинувања во медиумите на Кремљ дека Навални е агент на Западот, ниту со измислени тужби. Но, стандардот на живеење на населението стагнира, што го зголемува чувството на неправда и ја намалува толеранцијата за корупција во владата.Путин нема и не може да одговори на барањата од општеството. Изборите за нова Дума доаѓаат на есен. Луѓето на Навални уште еднаш ќе ја применат стратегијата за тактичко гласање за повторно враќање на власта. Од гледна точка на Кремљ, иднината е полна со несигурност и ризик. (Слободна Европа)