Тодоров: Сакам пласман на ЕП 2021, но и подмладување на репрезентацијата!

15

Македонската кошаркарска репрезентација денеска и официјално го доби вкупно 14. селектор, а десетти домашен стратег, откако челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) и официјално го промовираа новиот предводник на националниот тим, Александар Тодоров.

Станува збор за 46-годишниот предводник на романскиот прволигаш ЦСУ Крајова, кој зад себе има еднодецениско интернационално искуство, како и работа во неколку домашни екипи, пред сѐ МЗТ Скопје, каде што работеше во неколку наврати. Основна цел на Тодоров ќе биде успешен настап во претстојните квалификации за пласман на ЕП 2021, каде сме во група со Естонија, Русија и Италија.

Новиот селектор официјалното деби ќе го има на 20 февруари во салата „Борис Трајковски“ кога ќе го одиграме првиот квалификациски дуел со Естонците, а првото гостување ќе го има три дена подоцна и тоа кај рускиот национален тим.

„Ова е момент кога и покрај барањето за пласман на Еп да направиме и подмладување на репрезентацијата, особено кога имаме неколку селекции во младинските конкуренции кои одлично настапуваа. Ова не е алиби, туку потреба да им се даде шанса на децата, кои за три-четири години ќе треба да бидат костур на нашиот најдобар тим, а кои во моментов успешно играат како во македонските тимови така и во странство“, изјави Тодоров.

Новиот селектор истовремено проговори и за луѓето кои ќе работат со него.

„Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, ќе биде еден од четворицата мои помошници, додека останатите три имиња ќе ги соопштам во текот на следната недела кога ќе добиеме дозвола од нивните клубови. За кондицискиот дел ќе биде задолжен турскиот стручњак …, за психолошкиот дел ќе биде задолжена Ленче Алексовска, додека скаутингот ќе биде доверен на Никола Велев од таборот на шампионот“, дополни Тодоров.

Новиот предводник на националниот тим најави почеток на подготовките на 13 февруари и еден подготвителен натпревар пред пресметката со Естонија. Местото на странец во февруарскиот циклус ќе го има Шејн Витингтон, поради правилата на ФИБА потребни се три месеци за да се обезбеди ново американско засилување. Пласман на ЕП ќе обезбедат двете најдобри во групата, со исклучот на Италија која како домаќин веќе има обезбедено пласман на континенталниот собир.