Толкување на првични анализи во Британија: Против ковид-19 со по две-три дози годишно

4

Професорката Џаја Дантас смета дека приоритет е вакцинацијата да ги опфати сите делови на светот, а потоа да се зајакнува имунитетот со нови дози

Луѓето ќе треба да се ревакцинираат секоја година, со по две или дури и со по три дози, за да се запре пандемијата на ковид-19, предупредуваат експерти, толкувајќи ги резултатите од анализа спроведена во Обединетото Кралство.

Анализа на 147.597 случаи на зарази со сојот делта и на 68.489 со сојот омикрон во Британија покажуваат дека ефикасноста на вакцините „Фајзер“ и „Модерна“ е 90 отсто во однос на претходниот сој, но е и за 30 отсто послаба кон новата варијанта. Агенцијата за здравствена безбедност притоа укажува дека резултатите треба да се интерпретираат со претпазливост поради релативно малиот број истражени случаи и поради тоа што ширењето на омикрон сѐ уште е во почетната фаза и сојот сега претежно ги заразува лицата што се најизложени – патниците и нивните семејства.

Експертите се согласуваат дека е потребно да поминат 12 недели од појавувањето на новиот сој за да се проценат неговата моќ и слабостите, но и веќе предупредуваат дека најсилниот одговор против ултразаразната варијанта и од идните што ќе се развијат е редовното вакцинирање.

– Се чини дека ќе има потреба од редовни засилувања, можеби по две дози или по три годишно – смета Џаја Дантас, професорка по меѓународно здравје на австралискиот универзитет Картин. Таа смета дека две засилувачки дози би биле доволни за мнозинството луѓе, а третите би биле препорачани на повозрасните и на оние од критичните категории.

Во првите две години од појавувањето коронавирусот мутираше во 11 варијанти, при што и делта, а потоа и омикрон, беа позаразни од претходните. Десет мутации се појавија во посиромашни региони, поради што шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус постојано апелира богатите земји да бидат солидарни и да издвојат што е можно повеќе вакцини за глобална имунизација.

Од друга страна, појавата на екстремно заразниот сој омикрон, иако предизвикува поблаги симптоми, силно ги оптовари здравствените системи и економиите на развиените земји со висока стапка на имунизирано население, поради што тие препорачуваат да се прими трета, па и четврта доза од вакцините заради поголема заштита. Израел е меѓу првите земји што веќе почна да вакцинира граѓани и со четврта доза.

Дантас, сепак, смета дека приоритет е вакцинацијата да ги опфати сите делови на светот, а потоа да се зајакнува имунитетот со нови дози.

– Имаме нееднаквост во вакцинирањето. Многу делови од Африка не добиле ни една единствена доза или имаат многу ниско ниво на луѓе што примиле само една доза – вели професорката.