Американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша нацрт-законот за економско олеснување за време на пандемијата на ковид-19 и за финансирање на владата по неколкудневно одложување за време на кое истекоа надоместоците за невработеност за над 11 милиони Американци, а пратениците предупредија за потенцијално затворање на владата. Трамп го шокираше Конгресот и ја фрли во неизвесност судбината на законот на 22 декември кога сугерираше дека нема да го потпише. Предлог-законот беше изгласан со големо мнозинство во Претставничкиот дом и Сенатот по неколкумесечни расправии и уверување од Белата куќа дека Трамп ќе го поддржи.