Американскиот претседател Доналд Трамп и јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин по телефон разговараа за дипломатски начини за одржување на односите со Северна Кореја, објави денес Сеул додека Пјонгјанг предупреди дека губи трпение поради застојот на нуклеарните преговори.
Двајцата лидери, во получасовниот разговор се согласија дека ситуацијата станува „сериозна“ и дека треба да се одржи дијалог за „да се постигне најбрз можен исход од преговорите за денуклеаризација“, соопштија од Јужнокорејската Сина куќа.
Трамп и Мун исто така се договорија и дека секојдневно ќе се консултираат по тоа прашање.
Тензиите на Корејскиот Полуостров растат воочи истекот на рокот поставен од страна на Пјонгјанг до крајот на годината. Северна Кореја бара од САД да се откажат од својата политика да бараат унилатерална денуклеаризација, бидејќи во спротивно нејзиниот лидер Ким Џонг Ун ќе одбере неодреден „нов пат“.
Истакнати функционери на комунистичката држава во серија соопштенија минатата недела го предупредија Вашингтон да го почитува крајниот рок, а понудата на САД за дополнителни преговори ја оценија како одолговлекување воочи американските претседателски избори следната година.
Долгогодишните сојузници Вашингтон и Сеул исто така водат преговори за финансирањето на околу 28,5 илјади американски војници распоредени на територијата на Јужна Кореја.
Трамп бара речиси 4 милијарди долари повеќе, тврдат официјални лица од Јужна Кореја, а четвртиот круг преговори за ова прашање во средата заврши без договор.
Сината куќа истакна дека ова прашање не било споменато во денешниот разговор.