Трамп сака нарко-картелите да ги претстави за терористички организации (ВИДЕО)

9

Претседателот на САД Доналд Трамп ја објави својата намера мексиканските нарко-картели, обвинети за неодамнешниот масакр врз припадниците на заедницата американски мормони, да ги прогласи за „терористички организации“.

Трамп ова го кажа во телефонско интервју за конзервативниот новинар Бил О’Рајли.

„Ќе ги прогласам, апсолутно. Работам на тоа веќе 90 дена. Таквото означување не е лесно, постои цел процес и ние сме среде тој процес“, му кажа Трамп на О’Рајли.

Мексиканското министерство за надворешни работи соопшти дека ги контактирало американските власти „за да ја разјасни содржината и опсегот“ на пораката на американскиот претседател.

Се наведува дека Мексико сака „состанок на високо ниво што е можно побрзо“ за да се разменат ставовите.

Шефот на мексиканската дипломатија Марсело Ебрард беше доста поостар.

„Мексико никогаш нема да прифати акции кои го кршат неговиот суверенитет. Ќе реагираме цврсто. Јас веќе ѝ ја пренесов таа позиција на Америка. Како и нашата решителност да се соочиме со прекуграничниот организиран криминал“, наведе Ебрард на Твитер.

На почетокот на ноември три жени и шест деца од заедницата на американски мормони населени на северот на Мексико беа убиени во заседа на картелите, многу влијателни во пограничната област.

Вашингтон побара Мексико да им „објави војна“ на картелите, а Трамп кажа дека САД се спремни да му пружат помош на својот сосед.

Мексиканските власти се често на мета на обвинувања деа замижуваат пред насилството на картелите.