Трајанов: Ни најавија „Фајзер“, нè вакцинираa со „спутник В“

18

Пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов, реагира на процесот на вакцинација против ковид-19 и вели дека пратениците се дискриминирани. Неговата забелешка е во тоа што првично им било најавено дека ќе се вакцинираат со „Фајзер“, но денеска им била аплицирана руската вакцина „спутник В“.

Тој вели дека наспроти изборот на граѓаните да одлучат со која вакцина ќе се вакцинираат, ним не им било дадена таква можност.

„Пратениците се целосно дискриминирани, затоа што немаме право на избор. Граѓаните се во предност затоа што имаат право да изберат вакцина. Гледам дека тука има и ‘Фајзер’, веројатно во следните денови ќе има и ‘Астра Зенека’, но ние пратениците сме насочени да се вакцинираме со ‘спутник В’. Можевме да одложиме и да почекаме, но сепак, се вакциниравме во интерес на тоа парламентот да профункционира“,рече Трајанов.
Пратениците се вакцинираат со „спутник В“: Џафери очекува Собранието да се врати во нормала

Претседателот на Собранието Талат Џафери очекува дека по имунизацијата, понатаму и со втората доза, работата на законодавниот дом да се врати во нормала.

„По втората доза што ќе ја примат ќе се овозможи посоодветна работа на Собранието и се надевам од втора половина на мај да се врати нормалниот начин на работа на Собранието, секако, почитувајќи ги и понатаму одлуките и протоколите“,вели Џафери.

Тој нема информации колкав е интересот кај пратениците, односно колку од нив ќе се вакцинираат. Како што рече, тој испратил целосен список и секој од пратениците си добил порака и термин во која група и на кој пункт треба да се вакцинира.