Трајковски: Сакам Италија да нe потцени, па да им покажеме која е Македонија!

0

Македонија во четврток гостува на „Ренцо Барбера“ во баражот за мундијалот во Катар. Овој стадион му е добро познат на Александар Трајковски, кој четири години го носеше дресот на Палермо.

„Кога слушнав дека ќе се игра во Палермо бев многу среќен, поминав многу убави четири години во тој клуб и град. Знаеме колку е важен овој меч за Македонија и верувам во нас дека ќе успееме да ја израдуваме Македонија и да го дадеме максимумот. Ми пишуваат пријатели од Палермо и ме чекаат да дојдам. Ете се погоди овој меч да се игра таму, среќен сум и јас што ќе ми се укаже шанса да се вратам на Сицијлија, и се надева дека ќе победиме“ – вели Александар Трајковски.

„Аѕурите“ се голем фаворит, многумина веќе ја гледаат Италија во финалето.

„Би сакал Италија да нè потцени и потоа да им покажеме колку згрешиле. Имаме доста добри играчи, тоа го покажавме и до сега со добри резултати и добра игра. Сега и во Палермо ќе покажеме колку вредиме“.

Пред речиси пет години, Македонија гостуваше кај Италија во квалификациите за СП 2018 и токму со голот на Александар Трајковски обезбедивме реми од 1-1.

„Овој натпревар ќе биде поразличен од оној во Торино, иако и тој натпревар им беше прилично важен на Италијанците. Се работи за еден натпревар, важен е и за нив и за нас. Ние ваква шанса сме немале, на два натпревари сме до Светско првенство. Италија има голем притисок, ние нема што да загубиме. Треба да одиграме храбро и без страв, да го дадеме максимумот и да покажеме дека можеме да одиме понатаму“.