Тренерот на загрепски Динамо, Сергеј Јакировиќ, оцени дека синоќешниот пораз на хрватскиот шампион во Приштина од Балкани во Лигата на конференции е „срам и негов најтежок пораз во кариерата“, извинувајќи им се притоа на навивачите и на хрватската јавност.
„Ова за мене е најтежок пораз во кариерата. Паднавме без испукан куршум, тоа беше срам. Ќе видиме што ќе донесе утрешниот ден“, рече Јакировиќ по натпреварот одигран на стадионот „Фадиљ Вокри“.
Динамо загуби на гостувањето во Приштина од косовскиот првак Балкани со 2-0 во натпревар од второто коло во Групата Ц во Конференциската лига.
„Преземам одговорност за овој пораз. Жал ми е, пробавме да извлечеме максимум со тимот, со измените, но Балкани беше многу подобар од нас. Тоа што сакавме ние да го направиме, тие ни го направија нам“, наведе стратегот на Динамо.