Трета доза вакцина ќе биде достапна за сите граѓани

11

Трета доза вакцина против ковид-19 ќе стане достапна за сите граѓани. Националниот комитет за имунизација ја прошири препораката и наместо за трите категории граѓани, за кои беше препорачана, трета или засилувачка доза ќе може да добијат и други лица.

Третата доза, како што е познато, треба да биде од производителот „Фајзер“.

„Трета доза ќе може да добијат и кои било други граѓани без разлика на возраста, без разлика на тоа дали имаат или не хронични болести, а се во значаен ризик да заболат од ковид-19 поради фреквентните контакти, типот на работата и работното место. Ова се препораки кои практично ги следат препораките во некои други европски земји и САД“,

објави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Првичната препорака беше трета доза да примаат сите граѓани над 60 години, како и за здравствените работници и лица со имунокомпромитирачка состојба, без разлика на возраста.

Професорката Александра Грозданова, која е претседателка на Националниот комитет за имунизација, наведе две цели на ваквата препорака.

„Следејќи го искуството и она што е во пракса кај другите европски земји и САД, цениме дека ќе биде потребно оваа можност да биде дадена кај сите оние кај кои постои ризик од можна појава на ковид поради работното место, честите контакти било приватно или на работното место. Оттука и оваа препорака ќе се дефинира, со цел да се заштитиме од доста поинвазивниот делта сој и бидејќи шесте месеци од почетокот на вакцинацијата упатува на тоа дека ефикасноста на дел од вакцините се намалува и токму поради тоа беше и иницијалната препорака за третата доза“, рече Грозданова.

Таа рече дека вакцината на „Фајзер“ за трета доза се покажала ефикасна и кај оние што примиле „Астра Зенека“, но и кај тие што се вакцинирани со кинеските вакцини.

„Во однос на нашата препорака за трета доза да биде од ’Фајзер‘ го гледавме искуството од неколку студии кои веќе се завршија и неколку што се во тек. Во ЕУ кај граѓаните кај кои прва доза беше дадена од ’Астра Зенека‘ – повеќе од 500 000 граѓани, веднаш во моментот кога оваа вакцина беше препорачана исклучиво за одредена возрасна група, дадоа препорака како втора доза да се користи ’Фајзер‘. Што значи комбинацијата на ’Астра Зенека‘ – аденовирусната вакцина и ’Фајзер‘ веќе постои и видовме дека дава одличен имунолошки одговор. Во однос на другите искуства, веќе неколку месеци од летото Обединетите Арапски Емирати и Турција ги комбинираат кинеските вакцини – како трета ја даваат фајзеровата вакцина. Исто така и нивните резултати покажаа една одлична заштита што ја обезбедува фајзеровата вакцина, особено од делта-сојот“, рече Грозданова.

Професорката додаде дека искуствата и препораките упатуваат и на тоа дека комбинирањето на вакцините, особено трета доза со две други претходно дадени од различен тип, дури го зголемува имунолошкиот одговор.