Тројца мртви во пукање во трговски центар во Копенхаген, напаѓачот е уапсен

2

Три лица, од кои маж на 40 години и двајца млади се убиени во пукање во трговски центар во Копенхаген, има и бројни повредени, од кои тројца се наоѓаат во критична здравствена состојба – ова е соопштено на прес конференција одржана во денешните рани утрински часови, пренесува данскиот весник „Јиланд Постен.“

Полицијата уапсила 22-годишен Данец под сомнение дека е извршител на масакрот. Во моментот на апсењето, тој бил вооружен со пушка и кај него е најдена муниција, соопшти полицијата, истакнувајќи дека уште нема укажувања дека зад пукањето се крие расистички или друг мотив. Уапсениот инаку и порано ѝ бил познат на полицијата, но тоа не било релевантно за сегашниот случај.

Исто така нема индиции дека приведениот 22-годишник дејствувал во соработка со други лица. Сепак, полицијата има засилено присуство во данскиот главен град.

Данската премиерка Мете Фредриксон го осуди смртоносното пукање во трговскиот центар во Копенхаген како „суров напад“, повикувајќи ги граѓаните во земјата на сплотеност и на поддржување едни со други.

„Сите ние бевме брутално оттргнати од ведрото лето кое само што започна. Ова е несфатливо, срцепарателно, бесмислено. Нашата убава и инаку толку безбедна престолнина се промени во дел од секундата“, изјави Фредриксон.

Кралската куќа издаде соопштение по повод нападот во трговскиот центар, исто така повикувајќи на единство и изразувајќо сочувство со семејствата на жртвите.