Тупанчевски најави нов Изборен законик, допрва ќе се види дали ќе се промени изборниот модел

6

Министерството за правда неделава ќе го почне процесот за донесување нов Изборен законик, односно ќе продолжи процедурата од 2015 година од меѓуресорската работна група, најави на прес конференција министерот за правда Никола Тупанчевски. Во новиот Изборен законик ќе бидат вклучени забелешките на ОБСЕ и ОДИХР, а ќе биде земен предвид и предлогот за една изборна единица. Сепак, Тупанчевски не прецизира дали новиот Изборен законик ќе значи и промена на изборниот модел, барање кое како услов за поддршка на Владата го истакнаа помалите коалициски партнери.

-Идејата е од Министерството да тргне процесот за подготовка на нов Изборен законик во кој ќе бидат вградени препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но и забелешките на сите засегнати страни. До крајот на неделата до партиите ќе испратиме допис за учество во подготовките на новиот Изборен законик, но и до здруженија и невладини организации кои се вклучени во оваа проблематика. Процесот сакаме да биде транспарентен и инклузивен оти се работи за хиперсензитивна материја. Укажувањата на меѓународниот фактор се Изборниот законик да биде донесен најмалку шест месеци пред изборите и да се почитува начелото на консензуалност. Изборното право не е попатен украс туку има мултидименионален карактер – рече Тупанчевски.

За предлогот на помалите партии за измена на изборниот модел од шест во една изборна единица Тупанчевски рече дека се констатирани недостатоци на Изборниот законик но дека не би зборувал за парцијални решенија.

– Како ќе изгледа новиот Изборен законик не зависи од мене. Планираме претседателот на работната група да не биде член на партија, туку експерт. А каков ќе биде моделот ќе зависи од работната група, решенија и понудените предлози. Тоа се сепаратни измени, не сум сигурен дека тие ќе бидат решение за тоа што ќе го понуди Министерството за правда. Доколку одиме на подготовка на нов Изборен законик тоа подразбира дека ќе треба да се претресат сите недостатоци кои се детектирани. Тоа што е понудено во моментов ќе биде земено предвид – рече Тупанчевски.