Турција бара притвор за 695 лица осомничени за поврзаност со Ѓулен

4

Обвинителството во Турција издаде налози за апсење на 695 лица осомничени за поврзаност со муслиманскиот свештеник Фетулах Ѓулен, кого властите го обвинија за обидот за пуч во 2016 година, објавија денеска државните медиуми.

Агенцијата Анадолу соопшти дека обвинителите бараат апсење на 467 лица осомничени дека мамеле на испит за унапредување во полицијата во 2009 година.

Издадени се и наредби за притвор за 157 воени офицери, од кои 101 сè уште се во активна служба, како и на 71 службеник на Министерството за правда.

Група офицери на 15 јули 2016 година се обидоа да го соборат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во обидот загинаа околу 250 луѓе, а повеќе од 2.000 беа повредени.

Околу 77.000 луѓе беа уапсени, а околу 130.000 поединци, меѓу кои и воени лица, беа отпуштени од државната служба по обидот за пуч и разбивање на мрежата на Фетулах Ѓулен.

Ѓулен, кој живее во САД од 1999 година, негира дека е вмешан во обидот за пуч.