Турција сака Договорот за жито да биде продолжен на 120 дена наместо на 60 дена

3

Турција ќе ги продолжи разговорите за продолжување на договорот за жито од пристаништата на Црното Море, кој почнувајќи од 18 март ќе трае уште 120 дена, а не 60 дена, изјави денеска турскиот министер за одбрана Хулуси Акар.

„Почнавме преговори за првичната верзија на договорот. Важно е продолжувањето на договорот. Ќе разговараме со контактите за продолжување за 120 дена, наместо за два месеци“, изјави Акар, пренесе турското Министерство за одбрана.

Претходните денови преговорите се интензивираа пред истекот на постојниот договор, а Русија вчера соопшти дека договорот ќе биде продолжен на 60 дена.

„Потписниците на договорот ќе проценат и ќе одлучат за натамошното продолжување на договорот“, додаде Акар, велејќи дека Анкара се надева на позитивен исход од разговорите.

Откако Русија и Украина го потпишаа Договорот за жито на иницијатива на Турција, а со покровителство на ОН на 22 јули минатата година, милиони тони се извезени од украинските пристаништа.