Туск до Џонсон: Ова не е некоја глупава игра

8

Брисел, 8 октомври – Европската унија ја обвини Велика Британија дека игра „глупава игра на обвинување“ околу Брегзит, откако извор во Даунинг стрит соопшти дека договор за излегувањето на Британија од ЕУ не е можен бидејќи германската канцеларка Ангела Меркел поставила неприфатливи барања.

„Борисе Џонсон, на коцка не е победата во некоја глупава игра на обвинување. На коцка е иднината на Европа и на Обединетото кралство, како и безбедноста и интересите на нашите граѓани. Не сакате договор, не сакате продолжување, не саката отповикување (на Брегзит) quo vadis?“, напиша на Твитер претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

Претходно, извор од Даунинг стрит изјави дека Меркел и Џонсон утрово разговарале и таа јасно рекла дека договор е „малку веројатен“, што значи дека предлозите на Џонсон за спас во последен час – не успеале. Изворот, исто така, рекол дека договор е невозможен ако канцеларката Меркел и ЕУ споделуваат ист став за останувањето на Северна Ирска во царинска унија.

Германската канцеларка Ангела Меркел му порачала на британскиот премиер Борис Џонсон дека е „малку веројатно“ да се постигне договор за Брегзит, освен ако Велика Британија не ја остави Северна Ирска во царинска унија. Како што јавија западните медиуми повикувајќи се на извори во Берлин, Меркел истакна дека „Германија би можела да ја напушти ЕУ без никакви проблеми ако сака, но дека Велика Британија не би можела да го стори тоа доколку Северна Ирска не остане во царинската унија“.

Меркел, исто така посочила дека ЕУ има право на вето за излегување на Велика Британија од царинската унија. Според западни медиуми, разговорот „поставил нов став што значи дека е невозможно да се постигне договор за Брегзит сега или во иднина“.