Уапсени инженери и инвеститори во Албанија зашто не ги почитувале градежните стандарди

6

Обвинителството на Албанија издаде 17 налози за апсење со обвиненија за убиство и злоупотреба на службената должност за смртта на 51 лице во земјотресот со јачина од 6,4 степени, во кој се урнаа десетици згради. Досега се уапсени три лица.

Полицијата и обвинителите соопштија дека првичните истраги покажале дека „причина за губење на животот во урнатите згради е тоа што градителите, инженерите и инвеститорите не се придржувале кон безбедносните правила, норми и стандарди за градење“, пренесе Ројтерс.

Обвинителството издаде 17 налози за апсење, соопшти полицијата. Две од деветте лица што се притворени под обвинение за убиство се сопственици на два урнати хотели во Драч. Тогаш загинаа четири лица.

Обата хотели биле изградени нелегално, а се наоѓаа на брегот на Јадранско Море, јужно од Драч.

Третото уапсено лице е менаџер на хотел во сопственост на полицијата, во кој загина висок полициски службеник.

Полицијата исто така соопшти дека некои од 17-те лица по кои се трага се во бегство.

Од падот на комунизмот, многу албански жители се преселија во блиските градови, населувајќи се на земјишта и објекти што не беа контролирани од властите. Претходните влади легализираа многу згради за да добијат гласови на избори, но и за да ги урбанизираат тие области со воведување канализациски системи и патишта.

Албанија допрва треба да ја пресмета цената на изградбата на станови за 14.000 бездомници.