Припадниците на Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) во областа Сараево и Горажде уапсија шестмина осомничени за воени злосторства над 56 лица од српска националност во селото Јошаница кај Фоча во декември 1992 година.
„Осомничените се под истрага за воено злосторство извршено во селото Јошаница кај Фоча во декември 1992 година, кога беа убиени 56 жртви од српска националност, претежно цивили, меѓу кои и жени и деца“, соопшти Обвинителството на БиХ.
За време на нападот запалени и уништени се куќи и имот, а жртвите на злосторството се пронајдени и идентификувани.
Осомничените се обвинети за учество во нападот на селото и за злосторства врз населението како команданти и членови на Вишеградската бригада на Армијата на БиХ.