УЕФА има четири спремни сценарија за Европското првенство

9

Европската куќа на фудбалот размислува за одржувањето на Европското првенство следното лето, на кое Македонија обезбеди прв историски пласман. Според најавите, постојат четири различни сценарија за одржување и засега нема шанси за ново одложување.

Првото и најидеално за сите е дека пандемијата со коронавирусот ќе биде под целосна контрола, па УЕФА ќе може да си дозволи собирот да се одржи според планот, во 12 градови од 11 јуни до 11 јули, пред полни трибини. Сепак, доколку ситуацијата со ковид-19 не се подобри, втора опција е на трибините да бидат дозволени 50% од капацитетите на стадионите, додека третата уште помалку посакувана е да се одржи Европско со 30% пополнетост на трибините, со социјална дистанца.

Најлошо и најцрно сценарио е одржување на турнирот во стилот на завршниците на Лигата на шампионите и Лигата на Европа летово, каде немаше публика на трибините, а можеби и во еден град. Како домаќини официјално фигурираат Билбао, Лондон, Глазгов, Минхен, Рим, Баку, Санкт Петербург, Будимпешта, Букурешт, Амстердам, Даблин и Копенхаген.

Македонија ќе игра во групата Ц, која ќе се одржи во Букурешт и Амстердам. Првиот историски настап е закажан за 13 јуни на Националната арена во Букурешт, а противник ќе ни биде Австрија. Потоа по четири дена на истото место, Македонија игра со Украина, а последниот меч е закажан за 21 јуни на „Јохан Кројф Арена“ против домаќинот Холандија.

Конечната одлука околу сите детали за Европското првенство, УЕФА мора да ги донесе до март, а останува да се надеваме дека ситуацијата со вирусот ќе биде под контрола.