Украина: Ова беше последната победа на Русите, одиме во контраофанзива

0

По падот на регионот Луганск, украинските сили зазедоа нови одбранбени позиции во регионот Доњецк, во кој продолжуваат да ги контролираат големите градови. Покрај тоа, тие планираат да почнат контраофанзива на југот на земјата.

По повеќенеделната битка за Лисичанск, град со чие освојување Русија ја презеде контролата врз Луганск, луганскиот гувернер, Серхиј Хајдај, рече дека битката им овозможила на украинските сили да си ги утврдат позициите во Доњецк за да „им ја отежнат ситуацијата на Русите“.

Хајдај уште еднаш ги замоли украинските сојузници на Западот да испратат повеќе оружја, тврдејќи дека украинската армија ќе почне контраофанзива веднаш штом ќе има доволно оружје со долг дострел.

„Руската тактика ќе биде иста. Прво со артилерија ќе пукаат на сѐ, но ќе им биде тешко да ја освојат територијата“, рече Хајдај.

Олексиј Арестович, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека Украина се надева дека ќе почне офанзива на југот на земјата.

„Ова е последната победа на Русите на украинската територија. Ова беа градови со средна големина (Северодоњецк и Лисичанск, н.з.), а за тоа им требаше време од 4 април до 4 јули, тоа се 90 дена. Толку загуби…“, рече Арестович.

„Заземањето на градовите на исток значи дека 60% од руските сили сега се концентрирани таму и ќе им биде тешко да ги пренасочат на југ, а веќе нема сили што можат да ги донесат од Русија. Платија висока цена за Северодоњецк и Лисичанск“, рече советникот на Зеленски.

Самиот претседател Зеленски синоќа рече дека украинските сили продолжуваат да се борат и покрај повлекувањето од Лисичанск.

„Нашите вооружени сили одговараат, ги возвраќаат ударите и го уништуваат офанзивниот потенцијал на окупаторите од ден на ден. Мора да ги скршиме. Тоа ќе биде тешка задача за која е потребно време и натчовечки напори. Но ние немаме алтернатива“, рече Зеленски.