Украина потврди дека русите ја контролираат најголемата нуклеарна централа во Европа

8

Украинските власти потврдија дека руските сили сега ја контролираат најголемата нуклеарна централа во Европа „Запорожје“, која ноќеска беше нападната и гранатирана, при што се запали еден објект.

„Оперативниот персонал ја следи состојбата на погоните. Целиот персонал продолжува со својата работа“, кажаа локалните власти.

Светските лидери ја обвинија Русија за загрозување на безбедноста на целиот континент, додека украинскиот претседател Зеленски ја обвини за нуклеарен тероризам.

„Доколку имаше експлозија, тоа ќе беше крај за сите, крај за Европа“, кажа Зеленски во денешното видеообраќање.

Портпаролот на централата Андриј Туз изјави дека гранатите паднале и врз еден од шесте реактори, кој се реновирал и не бил во функција.

„Нивото на радијација останува непроменето и нема опасност по здравјето на населението“, соопшти воената администрација на регионот Запорожје.

Меѓународната агенција за атомска енергија кажа дека пожарот не ја зафатил суштинската опрема на централата.