Украинскиот претседател ги разреши шефот на службата за безбедност и главната обвинителка

2

Украинскиот претседател Володимир Зеленски издаде наредби за разрешување на шефот на украинската Служба за државна безбедност и главната обвинителка.

На официјалната веб-страница на претседателот се објавени наредби за разрешување на шефот на украинската служба за безбедност Иван Баканов, пријател на Зеленски од детството, и на главната обвинителка Ирина Венедиктова, кои одиграа клучна улога во гонењето на руските воени злосторства во Украина.

Зеленски рече дека ги отпуштил највисоките функционери бидејќи на виделина излегло дека многу членови на нивните агенции соработувале со Русија.

Зеленски објави дека повеќе од 60 вработени во нивните служби работеле против Украина на територијата под руска окупација и дека е покрената 651 кривична постапка за велепредавство и соработка со Русија против вработени во обвинителствата, истражните органи и безбедносните служби.

„Поточно, повеќе од 60 вработени во обвинителството и Службата за безбедност на Украина останаа на окупираната територија и работат против нашата држава“, рече Зеленски.

„Таквата низа злосторства против основите на националната безбедност на државата и откриените врски меѓу вработените во безбедносните сили на Украина и специјалните служби на Русија поставуваат многу сериозни прашања за релевантното раководство. На секое од овие прашања ќе биде соодветно одговорено“, додаде Зеленски.