Украинците поднесоа кривична пријава против шефот на Вагнер

10

 

Канцеларијата на главниот обвинител на Украина поднесе кривична пријава против Евгениј Пригожин, водачот на групата платеници Вагнер, кои се борат на руската страна во Украина.

Пригожин е обвинет за посегнување по територијалниот интегритет и неповредливост на Украина и дека водел агресивна војна против Украина, пишува Гардијан.

Пригожин, долгогодишен сојузник на Путин, неодамна беше снимен како го посетува подрумот во близина на источниот фронт во Украина, кој беше исполнет со тела на неговите борци. Стануваше збор за борци кои загинаа во обид да го освојат Бахмут, град околу кој Русите и Украинците жестоко се борат со месеци.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари минатата година, Пригожин и неговата приватна воена компанија се позиционираа како многу важни актери. Бројот на припадници на Вагнер порасна на околу 50.000, вклучително и десетици илјади поранешни затвореници регрутирани од затворите низ Русија.