Унгарија ќе ја тужи Европската комисија поради намалувањето на средствата за образование

11

Унгарија ќе покрене правна постапка против Европската комисија доколку не се постигне договор за европско финансирање на универзитетските студии во странство, изјави денеска шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Гергељ Гуљаш.

Гуљас на прес-конференција во Будимпешта рече дека неодамнешната одлука на Европската комисија за намалување на финансирањето на програмата за размена на студенти Еразмус на многу унгарски универзитети е „неприфатлива“.

Тој додаде дека унгарската Влада ќе обезбеди средства за програмата доколку не стигнат средствата од ЕУ, но дека случајот ќе биде доставен до Европскиот суд на правдата доколку не се постигне компромис.

Намалувањето на финансирањето, кое ќе ги погоди унгарските студенти кои студираат во странство преку програмата Еразмус на ЕУ, како и финансирањето за истражување на повеќето унгарски универзитети, доаѓа како дел од финансиското казнување на Унгарија.

ЕУ соопшти дека унгарскиот високообразовен систем не ја заштитува соодветно академската слобода од политичко мешање.

Гуљаш инсистираше на тоа дека Унгарија направила сè што Комисијата побарала од неа за да спречи конфликт на интереси во управувањето со високообразовните институции.

Тој рече дека Унгарија е подготвена дополнително да ги измени своите правила доколку Комисијата побара на високите унгарски политичари да им биде забрането да служат во универзитетските одбори.

ЕУ замрзна повеќе од 12 милијарди евра, наменети за Унгарија поради загриженост дека премиерот Виктор Орбан ги користел фондовите на ЕУ за да ги уништи демократските институции и да ги збогати своите сојузници.