Уставната жалба мора да биде воведена, вели Кацарска

11

Се надевам дека после изборите, новиот систем на Парламентот ќе смогне сила, ќе седнат заедно и ќе успеат да ја воведат уставната жалба, изјави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

Во изјава за медиуми по отворањето на денешната меѓународна конференција „Уставно-судска заштита на слободата на мисла и слободата на јавно изразување на мислата“, Кацарска рече дека со уставната жалба ќе се штитат сите права на сите граѓани во државата, без оглед на нивниот пол, раса, верска, национална или политичка припадност.

– Искрено се надевам дека сите останати политички чинители во државата ќе ја сфатат пораката што ја упатувам повеќе од две години, дека уставната жалба мора да биде воведена, рече таа.

Во однос на прашањето дали гледа волја кај политичките партии за ова, таа рече дека секогаш верува дека ќе има нешто подобро за граѓаните во секој поглед, вклучително, како што посочи, и во овој.

– Мислам дека сепак, сето ова што го правиме ние, ќе допре до нивната свест, впрочем, тие се оние кои што мора да внимаваат за заштита на сите права на граѓаните, не смеат да дозволат нашите граѓани да не можат да остварат право во матичната држава, туку директно треба да одат во Судот пред Стразбур, тоа ќе ја чини државата материјални средства, но, уште поважно, ќе ја чини и углед на државата. Угледот е многу важен затоа што ние многу често веќе губиме пресуди пред Стразбур, рече Кацарска.

На прашањето во врска со проблемите за добивање на нови лични документи, кои ќе им овозможат на граѓаните слободно да се движат во светот, Кацарска одговори дека доставените иницијативи пред Уставниот суд не ги коментира, а својот став ќе го образложи на седница на Судот. Таа нагласи дека токму во овој случај се гледа колкава е потребата од уставна тужба или жалба.

– Мора јавноста да знае за што ние сме надлежни. Не можеме да работиме за секои слободи и права кои што Уставот им ги дозволува на граѓаните, но, од друга страна, немаат право на заштита. Дали ова со пасошите влегува во наша надлежност, или не, тоа ќе се произнесеме на самата седница, истакна Кацарска.

Во рамки на изјавата, претседателката на Уставен суд сподели дека повод за наслов на темата „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“ која што ќе биде во работниот дел од конференцијата е токму слободата на изразување на мислата

– Тука најмногу сте засегнати вие и оние три одлуки кои што ги донесе Уставниот суд одат во интерес на тоа дека медиумите мораат да бидат слободни без никакви цензури, нешто што е забрането со Уставот и никој не смее да ги напаѓа медиумите, а мора да добиваат информации бидејќи тоа е нешто од јавен интерес, бидејќи граѓаните треба да знаат се што се случува во државата, рече таа.

Во своите излагања денеска,  поддршка за зајакнување на надлежностите на Уставниот суд дадоа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, претседателот на Собранието, Јован Митрески, министерот за правда, Кренар Лога, како и повеќе амбасадори.

Посебна поддршка за воведувањето на уставната жалба даде претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Денешната конференција се одржува по повод 60 години од постоењето на Уставен суд на Република Северна Македонија.