Утре лидерска средба Заев-Ахмети за конечен договор за нова влада

33

Двете партии во засебни соопштенија тврдат дека постигнат е сериозен напредок во преговорите и дека на утрешната средба меѓу Заев и Ахмети се очекува конечен договор за нова влада

СДСМ соопшти дека во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателот на партијата, Зоран Заев и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, на која се очекува конечен договор за нова влада.

„Тимовите на СДСМ и ДУИ интензивно работеа на создавање брз и темелен коалициски договор уште во првите денови од уставно определениот рок од 20 дена после добивањето на мандатот. Во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада. Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справувањето со здравствените и економските предизвици поврзани со ковид-19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Зоран Заев и Али Ахмети на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години“, велат од СДСМ.

Оттаму велат дека се надеваат оти во наредните денови ќе продолжи и конститутивната седница за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

„За сите нови информации од финалето на преговорите во јавноста ќе известуваат исклучиво официјални лица или прес службите на партиите“, велат од СДСМ.

Средбата меѓу Заев и Ахмети ја потврдија и од ДУИ.

„Со оглед на итноста и потребата да се дејствува брзо на клучните институции во земјава со цел решавање на здравствените и економските предизвици поврзани со ковид-19, утре ќе се одржи клучна средба меѓу претседателите Али Ахмети и Зоран Заев каде се очекува да биде постигнат конечен договор за нова, стабилна Влада, посветена на четиригодишен мандат“, се вели во соопштението од ДУИ.

Исто така потврдуваат дека во разговорите одржани на ниво на партиски секретари меѓу Артан Груби од ДУИ и Љупчо Николовски од СДСМ постигнат е сериозен напредок речиси по сите прашања коишто водат до договор за нова влада.