Учениците постепено ќе се враќаат во училниците, да бидеме трпеливи додека да дојде вакцината, кажа Филипче

5

Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека има 20,6 отсто намалување на новозаразени лица од коронавирус во однос на минатата недела, на денешната прес-конференција во Владата. Рече дека има и 40,3 отстонамалување на хоспитализирани лица.

За протоколите за работа на училиштата, кои треба да отворат на 1 октомври, рече дека препораката што ја даде Комисијата за заразни болести е во контекст на максимална претпазливост.

„Разгледувавме со Министерството за образование и наука аспекти, трендови на болеста, начинот на кој се трансферираше вирусот минатите недели за да вршиме предвидувања за натамошниот период. Луѓето се вратија на работа, во затворени простории. Може да се влоши состојбата и сакаме тоа да го превенираме. Учениците постепено ќе влегуваат во училниците. Гледавме искуства од Германија, Израел, САД и други, кои по отворањето на училиштата, мораа целосно да ги затворат. Есенскиот период имаме ризик од други вируси. Наставата со физичко присуство мора да се одвива со протоколи, што ги изработи Комисијата за заштита од заразни болести“, изјави Филипче.

Министерот кажа дека работното време на училиштата ќе биде од 7 до 20 часот. Зборувајќи за протоколите, рече дека во функција ќе бидат ставени сите влезови со патокази и насочувања за влез и излез. Средства за дезинфекција задолжително ќе има. Во основните училишта децата ќе бидат испраќани само до влез, нема внатре, мора со маски. Дежурен наставник ќе помага при дезинфекција на рацете и обувките. Тие што доаѓаат со автобус, ќе им се мери телесна температура, а со повишена температура нема да може да влегуваат.

„Наставниот кадар мора да се држи до 1, 5 метар дистанца, при влез ќе им се мери температура, исто како на учениците. Се забранува поздравување со физички контакт. Наставата се изведува со најмногу 20 ученици, на 1,5 метар раздалеченост. Кога има услови, наставата надвор, без маски. Првиот училишен ден ќе биде посветен само на упатствата. Употребата на тоалетите ќе биде контролирана. Оброк ќе се носи од дома“, рече Филипче.

Ако се открие случај во училиштата, рече тој, веднаш ќе доаѓа локален епидемиолог, ќе се контактира неговиот матичен лекар и ќе се испитуваат контактите на ученикот.

„Ако се почитуваат протоколите, можеме да имаме успешна учебна година. Ги разбирам средношколците, но овој систем нè штити сите нас, не е избор, но мора да се почитува. Состојбата нема да трае вечно, но мора да ја почекаме вакцината, бидете трпеливи“, кажа министерот.