Уште 50 нови пациенти во скопските болници за 24 часа, отворен е ковид-оддел и на хируршките клиники

28

Вкупно 1 135 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови, при што има околу 280 празни болнички кревети во ковид-центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 51 нов пациент, со што бројката континуирано расте и во моментов 483 лица се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, во Скопје отворен е и ковид-центарот во Ургентен. Таму заедно со интерните клиники, во последното деноноќие биле примени 27 лица.

Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ се примени 11 и 12 на Инфективната клиника. Во Козле е примен еден нов пациент.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 35 оздравени пациенти.

Во моментов во ковид-центрите на Интерните клиники и Ургентен се лекуваат 225 пациенти, во „8 Септември“ 89 , на Клиниката за инфективни болести 129 , додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 35 пациенти. На ГАК има 5 хоспитализирани ковид-позитивни пациентки.

Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот во Скопје имало 40 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција ја потврди ваквата состојба на поголем број пациенти кои бараат болничка грижа поради компликации од ковид, додавајќи дека притисокот врз болниците сега е поголем од оној во ноември, но затоа и капацитетите се поголеми.

Рече дека е отворен и оддел на хируршките клиники, во кој засега нема пациенти.

Скопје, Гостивар, Велес, Валандово, Крушево, Кавадарци и Прилеп ги спомена како градови со зголемен број хоспитализации.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 63 пациенти, во Штип 43, во Тетово има 25 пациенти, во Велес 51, во Куманово 95, во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 90 пациенти, во Прилеп 104, во ковид-центарот во Гостивар 26, а во Струга 20. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 39 пациенти, во Кочани 6 во Кичево 7, Кавадарци 67, а во Гевгелија 16 лица.