УЈП: Нашиот тим работи на ажурирање на апликацијата за МојДДВ, ќе ги информираме граѓаните кога ќе завршиме со прилагодувањето

0

Тимот на УЈП, целосно е ангажиран, со цел во најкраток рок да се заврши овој процес на прилагодување на апликацијата, велат од Управата за јавни приходи за проблемот што го имаат граѓаните при скенирање на фискални сметки за повраток на ДДВ.

– Вчера и денеска, беа направени дополнителни прилагодувања, очекуваме, веќе до крајот на неделата да се заврши процесот, по што ќе ги информираме корисниците од кога повторно ќе можат да користат напреден начин на скенирање, велат од УЈП за ТВ Алфа.

Во меѓувреме, привременото решение на УЈП е граѓаните да одат во нивните простории, за да ги скенираат сметките кои не можат во домашни услови.

Според УЈП апликацијата мој ДДВ ја користат над 460.000 луѓе, но најголем дел од нив тоа го прават само повремено.

Најголем дел од граѓаните кои ги анкетирале од ТВ Алфа велат дека воопшто не ја користат апликацијата МојДДВ оти сметаат дека максимумот од 1.800 денари за три месеци многу не ги мотивира.