УЈП ќе поднесе кривични пријави за фирмите поврзани со Боки 13, затаиле 20 милиони денари

13

Управата за јавни приходи (УЈП) ги подготви кривични пријави за затајување на данок за три субјјекти поврзани со првообвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски. Станува збор за Меѓународниот сојуз, БМЈ медиа груп, која е сопственик на 1ТВ и против „Томато продукција“, во чии простории е сместена телевизијата.

Според даночните власти, овие три субјекти затаиле околу 20 милиони денари данок.

Како што беше претходно соопштено, при контрола во Меѓународниот сојуз, даночните инспектори утврдиле дека не се приложени документи за ваучерите за помош на социјално загрозени семејства. Парите од договорите склучени меѓу Сојузот со „Дрим Билдинг“ и ГП „Пелистер“ за изградба на старечки домови биле префрлени на физички лица односно кај заменик претседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ и кај пензионерката Лилјана Тодоровска.

Во БМЈ Груп, УЈП при контролата забележала префрлање на пари од 1ТВ за набавка на опрема, но не била издадена фактура со што не бил пресметан данок. БМЈ Груп не евидентирале фактури и за концертите на Северина и Марија Шерифовиќ со што не го искажале приходот и нема пресметка на ДДВ.

Инспекрори на Управата извршиле контрола и во „Томато продукција“ која за 4.000 евра месечна закупнина му го издавала објектот на Боки 13 за телевизијата. Во Томато, пак, нашле затајување на данок при побарувањата на сопственикот на Томато од сопственичката на земјиштето која му била сопруга без да и биде доставена фактура. Објектот, според УЈП бил изграден од страна на Томато во 2009 година, но земјиштето било на сопругата на сопственикот на продукцијата и му го издавала без надомест. Објектот бил избришан од евиденцијата не сметководствените книги во 2015 година и се водел на сопругата на сопственикот на Томато. Кривична ќе биде поднесена за неиздавање на фактура за да се пресмета ДДВ и персоналниот данок.