Феноменалниот Крис Пол го однесе Феникс во големото НБА финале (ВИДЕО)

6

Кошаркарите на Феникс се пласираа во финалето на НБА лигата, откако го совладаа Лос Анџелес Клиперс на гости со 130:103, во шестиот натпревар од полуфиналната серија од плејофот.

Најефикасен во победничкиот тим беше Крис Пол со 41 поен, осум асистенции и четири скока, додека Девин Букер постигна 22 поени со седум скока. Во тимот на Клиперс, Маркус Морис беше подобар со 26 поени и девет скока, а Пол Џорџ запиша 21 поен со девет скока.

За Феникс ова ќе биде прво финале во НБА лигата од 1993 година, кога беа поразени од Чикаго со 4:2 во серијата.

Нивниот противник во финалето ќе биде подобриот од другата полуфинална серија во која играат Атланта и Милвоки. Моменталниот резултат во финалето на Истокот е 2-2, а петтиот натпревар се игра ноќта помеѓу четврток и петок, во Милвоки.