„Фејсбук“ сега ќе ви покаже точно како ве следи, дури и кога не го користите

38

„Вашингтон пост“

Дали некогаш сте се посомневале дека „Фејсбук“ го слуша секој ваш збор? Последните информации што ги имаме се уште повознемирувачки.

„Фејсбук“ ни нуди нов начин накратко да провериме колку само оваа апликација знае за нас: во вторникот оваа социјална мрежа им ја овозможи на своите 2 милијарди корисници долгоочекуваната алатка за следење активности кога не сте на „Фејсбук“ (“Off-Facebook Activity” tracker). Оваа алатка покажува дека на „Фејсбук“ и неговите платформи „Инстаграм“ и „Месинџер“ не им е потребен микрофон за да ве таргетираат со сите оние морничаво прецизни реклами и постови – постојат безброј други начини на кои тие може да го следат секој ваш чекор.

Дури и кога фејсбук-апликацијата е затворена на мојот телефон, социјалната мрежа добива нотификации кога ја користам апликацијата „Питс кофи“. Знае кога ја посетувам веб-страницата на претседателскиот кандидат Пит Бутаџаџ или кога читам написи од „Атлантик“. „Фејсбук“ знае кога кликнувам на мојата кошничка од „Хоум депо“, а и кога ја отворам апликацијата „Ринг“. „Фејсбук“ ги користи сите овие информации од мојата реалност за да ги нагоди сите пораки што ми стигнуваат од различни фирми и политичари.

Сега и вам ви е јасно како „Фејсбук“ ве следи. Алатката за следење ви ги покажува сите податоци што „Фејсбук“ ги собирал за вас во спрега со многуте организации и огласувачи за период од 180 дена. Оваа страница, скриена зад еден куп поставки, е директен производ на ветувањето што основачот на „Фејсбук“, Марк Цукерберг, го даде во 2018 година кога се разгоре скандалот „ Кембриџ аналитика“ за да ни овозможи да ја „избришеме историјата“ од нашите налози.

Новата алатка на „Фејсбук“ не е толку корисна како копчето за бришење на историјата од вашиот веб-прелистувач – не ви нуди опција целосно да го ресетирате вашиот „Фејсбук“. Сепак, со сета таа транспарентност, ви овозможува да прекинете дел од следењето од вашиот налог на „Фејсбук“.

Можеби навистина ќе се изненадите или барем малку ќе се засрамите од податоците што ќе ги најдете таму. На пример, некои од моите колеги виделе дека „Фејсбук“ има податоци од услугите што ги користеле за анализа на спермата или, пак, од пријавувањето во здравственото осигурување, па дури и од веб-страницата каде што се пријавувале за спогодба во врска со протекувањето податоци од компанијата за кредитно известување „Еквифакс“. Дури и кога телефонот ви е целосно исклучен, компаниите може да испраќаат информации дека сте купиле нешто во некоја продавница. Така, еден мој колега дозна дека 974 апликации и веб-страници ја споделиле неговата активност.

Тука не мора да значи дека станува збор за ново кршење на приватноста. Веќе со години „Фејсбук“ соработува со веб-страници, апликации и продавници за да ги следи и таргетира своите клиенти. И тоа не го прави сам. Многу компании испраќаат информации за нас на рекламни агенции и фирми. Сфатете го тоа како потсетник дека сите ние сме дел од едно реално шоу каде што камерите се постојано вклучени.

Секој кој е загрижен за моќта на „Фејсбук“ да манипулира со луѓето или да ги одредува изборите треба да се заинтересира за начинот на кој „Фејсбук“ нѐ следи. Лесно е тоа да се заборави во постојаната лавина од извинувања и казни во врска со приватноста со која нè опсипува Цукерберг, но реалноста е дека „Фејсбук“ не престанува да собира сè повеќе и повеќе податоци за нас, со само неколку закони кои ограничуваат како тие може да се користат.

Ривалите, како што е „Гугл“, не нудат ништо што би можело да се спореди со новата алатка.

„Колку и да е вообичаена оваа активност низ целиот интернет, многу е важно да им помогнеме на луѓето да разберат зошто ги гледаат токму оние реклами што ги гледаат и да им овозможиме да имаат контрола врз начинот на кој се користат нивните податоци, без разлика на услугите кои ги користат“, вели портпаролот на Фејсбук, Џеј Нанкероу.

Но, чекајте, сѐ уште е рано да се радувате: според законот, како што е оној донесен оваа година во Калифорнија за заштита на приватноста на потрошувачите, компаниите треба да нè информираат точно кои податоци ги имаат за нас.

Како и да е, ќе ја прифатам новата алатка на „Фејсбук“ како победа за нас. Ни овозможува да ги видиме сите грди детали околу начинот на кој всушност функционира системот за следење на „Фејсбук“ за реклами. Голема е веројатноста воопшто да не е онака како што вие мислите.

Зошто ви се појавува баш таа реклама?

Ако сето ова ви е збунувачки, не сте вие виновни. Според анкета на „Пју“, која била објавена минатата година, 74 проценти од Американците со профил на „Фејсбук“ не биле свесни дека социјалната мрежа прави досие за секој од нас за да таргетира реклами. „Фејсбук“ прави неговите системи за надзор да бидат толку сложени, а искрено и досадни, така што веројатноста дека ќе негодуваме е многу мала. Но, не дозволувам тоа да ме спречи.

Еве ја големата слика: сите ние имаме различни искуства на „Фејсбук“ и „Инстаграм“. Можеби, вам ви се појавуваат стории за луксузни имоти и реклами од Мајк Блумберг, а на мене да ми се појавуваат реклами за НАСКАР и претседателот Трамп. Тоа е така бидејќи софтверот на „Фејсбук“ користи податоци кои ги собира од вас за да ви прикаже реклами кои одговараат на вашите потреби. Фејсбук исто така им овозможува на огласувачите да таргетираат пораки до луѓето кои, според податоците, голема е можноста да ги заинтересира, или во случајот со политички реклами, да потпаднат лесно под влијание.

„Фејсбук“ користи податоци за да ве стави во категории „од интерес“, на пример, луѓе кои живеат во Вашингтон и сакаат мачки. Може да ги видите квадратчињата под кои „Фејсбук“ ве ставил ако ги погледнете менијата за ad preferences.

Може лесно да се сфати дел од ова. Очигледно, „Фејсбук“ знае кои ви се пријатели, што ви се допаѓа, како и што и каде постирате. Вие самите сте им ја доставиле таа информација.

Но, „Фејсбук“ собира мноштво информации кои вие не сте ги доставиле доброволно на социјалната мрежа. И голема е веројатноста дека не сте ни знаеле за тоа.

Како „Фејсбук“ доаѓа до овие информации? Социјалната мрежа на нејзините партнери им обезбедува софтвер за следење кој тие го вметнуваат во апликацци, веб-страници, картички за лојалност и други системи. Според едно истражување на „Електроник фронтиер фондејшн“, „Фејсбук“ има таканаречени пиксели за следење или кодови за споделување колачиња на речиси 30 проценти од врвните 10,000 веб-страници.

Тешко е да се избегне следењето на „Фејсбук“. Не е потребно вие да кликнете „ми се допаѓа“ или да го употребите копчето „логирајте се со Фејсбук“. Дури не треба ни да се логирани на апликацијата на „Фејсбук“ или на веб-страницата на вашиот телефон. Компаниите може да го известат „Фејсбук“ за други информации со кој ги спореди активностите на вашиот налог.

Вашите активности кога не сте на „Фејсбук“ не се јавни за да ги видат вашите пријатели. Нема да ги видат на Насловната страна (News Feed). Исто така, социјалната мрежа не им ги пренесува вашите лични информации на компаниите – тие само можат да таргетираат реклами на луѓе со налози на „Фејсбук“ кои ги активирале алатките за следење. На пример, компаниите можат да го замолат „Фејсбук“ да им покажуваат реклами на луѓето кои погледнале некој стил на обувки. (Активностите кога не сте на „Фејсбук“ не придонесува на досието на „Фејсбук“ за вашите рекламни „интереси“, но социјалната мрежа може да го искористи за да ви предложи групи, настани или производи за купување.)

Благодарејќи на алатката „Оф-Фејсбук“, сега знам дека „Хоум депо“ го известил „Фејсбук“ дека сум ја посетил нивната онлајн-продавница, сум погледнал производ и сум додал производ во кошничката за купување. „Атлантик“ ги споделил страниците што сум ги посетил и направите што сум ги употребил, со која вели се подобрува нивната стратегија за дистрибуција и им помага да таргетираат кампањи. „Вашингтон Пост“ изјави дека престанал да ги употребува пикселите за следење на „Фејсбук“, како и другите следачи на социјалните медиуми, почнувајќи од 24 октомври.

Официјални лица на кампањата на Бутаџаџ изјавија дека го употребиле пикселот за следење за да таргетираат реклами на луѓето кои ја посетиле неговата веб-страница или го кликнале линкот за донации. „Питс Кофи“ не одговорија на моите прашања.

„Ринг“, кој е во сопствност на „Амазон“, го известил „Фејсбук“ кога сум го инсталирал или кога сум ја отворил апликацијата. Портпаролката Јаси Шахмири изјави дека „Ринг“ ги користи информациите за да ги „оптимизира нашите кампањи за маркетинг на Фејсбук“, како и помалку рекламирање на луѓето кои веќе го имаат производот.

„Фејсбук“ вели дека има поставено ограничувања на информациите кои организациите ги споделуваат со нив. На пример, не смеат да пренесуваат информации за здравствена состојба или финаниска. Но не е јасно колку „Фејсбук“ е успешен во ова. Преку форензички софтвер, најдов код на „Фејсбук“ за следење на веб-страницата за лек за ХИВ. Портпаролот на Фејсбук, Нанкароу изјави: „Страница за здравјето со „Фејсбук пиксел“ не значи дека споделуваат чувствителни информации за здравтвената состојба со Фејсбук.“

Зарем ова не ги загрижува компаниите дека ова е преголемо споделување? Најверојатно мислеле дека нема ни да дознаеме. „Фејсбук“ вели дека компаниите мора да ни достават „детално известување“ дека тие им испраќаат податоци за вашите активности. Но, јас дознав дека само некои го објасниле начинот на следење прецизно и јасно.

„Фејсбук“ сака да го претстави надзорот како нешто нормално. Цукербег честопати изјавил дека луѓето сакаат да видат реклами што се „релевантни“. Се прашувам кои се тие луѓе што ги прашал. Речиси 81 процент изјавиле дека потенцијалните ризици со кои се соочуваат поради собирањето на податоци од страна на компаниите се поголеми од предностите, според анкета на „Пју“.

Што можете вие да направите

Може да направите неколку работи за да се борите против начинот на кој „Фејсбук“ нè следи. Некои од нив претходно не ни биле достапни.

На новата страница на „Офф-Фејсбук“ има опции да му кажете на „Фејсбук“ доста е веќе. Кога се наоѓате на страницата, одберете „Избриши историја“ за да му кажете на „Фејсбук“ – избриши ги овие податоци од профилот.

Откако ќе го направите тоа, треба и да му кажете на „Фејсбук“ да престане да ги става тие податоци на вашиот профил и во иднина. На истата таа страница, побарајте ја и опцијата „Уреди идни активности“. (За да ја најдете оваа опција, можеби прво ќе треба да кликнете на „Повеќе опции“ – извинете, знам дека не е едноставно.) Кликнете на таа опција, а потоа кликнете на дополнителното копче кое вели „Уреди идни активности“, и потоа притиснете на копчето веднаш до „Идна активност на Офф-Фејсбук“.

Важно предупредување: Ако ја исклучите оваа алатка, ќе изгубите пристап до сите апликации и веб-страници на кои што порано сте се најавувале преку „Фејсбук“. (Покрај приватноста, постојат и безбедносни причини зошто најавувањето преку „Фејсбук“ е лоша идеја).

Додека сме тука кај прилагодувањата, исто така предлагам да смениме и една друга лоша поставка која „Фејсбук“ ја има зададено. Во менито за поставки, одберете „Ваши параметри за реклами“. Во делот „Поставки за реклами“, одберете „Реклами според податоци од партнери“. Заштитете се така што нема да заборавите да одберете „Не е дозволено“.

А, сега, ќе мора да ви го скршам филмот: И покрај тоа што ќе ги прилагодите овие поставки, сепак не го спречувате „Фејсбук“ да собира податоци за вас од други. „Фејсбук“ едноставно ќе ги „дисконектира“ од вашиот профил, да го употребам овој умешно избран збор на социјалната мрежа. Во принцип, тие само ветуваат дека повеќе нема да ве таргетираат со реклами на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ – што значи дека помала е веројатноста да ве манипулираат врз основа на вашите податоци. (Дополнително, Фејсбук најави дека почнувајќи ова лето, ќе ни бидат достапни поставки за да гледаме помалку реклами од политиката и социјалните прашања на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ ).

Па, што може да направите ако воопшто не сакате „Фејсбук“ да ги собира сите овие податоци за вас? Е за тоа треба повеќе вистинска борба.

На вашиот компјутер, вклучете веб-прелистувач кои спречува следење, како на пример „Моѕила фајрфокс“. Па, одете дури и чекор понатаму додавајќи на вашиот веб-прелистувач посебна екстензија за блокирање реклами, како што е „Прајваси Беџер“. За разлика од моите колеги, за мене беше полесно затоа што користам „Фајрфокс“ заедно со екстензија за „Фејсбук“ од „Моѕила Фајрфокс“, со која што се спречува софтверот на „Фејсбук“ да се поврзе со други сајтови.

Кај апликациите за смартфони, каде што следењето е сосема вообичаено, уште потешко е тоа да се спречи. Постојат многу малку услуги, како на пример „Дисконект прајваси про“, кои ја скенираат активноста на апликациите и го блокираат сообраќајот од следењето, меѓутоа тие може да го попречат функционирањето на апликациите.

Или, крајниот лек: засекогаш кажете им збогум на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ и затворете го вашиот налог. Иако, барем досега, повеќето не сакале да го направат овој избор.