Филипче: Ако ситуацијата остане ваква, не треба да се воведуваат никакви рестрикции

8

Сметам дека ако во летото ситуацијата продолжи да биде ваква, не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки, вели министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето во „Утрински брифинг“.

Неговите изјави доаѓаат во пресрет на состанокот на Комисијата за заразни болести, по што здравствените власти ќе соопштат која е конечната одлука.

Искажувајќи го своето мислење, Филипче утрово нагласи дека нема потреба за рестрикции на граничните премини и за ограничување на прославите.

„Тука зборувам и за влез излез на границите и во рамките на тоа што е препорачано во делот на организација на настани, собири итн. Но, будно ја следиме ситуацијата, зашто има земји каде што индискиот сој, како поагресивен во однос на претходните, побрзо се шири и еве тие земји воведоа некоја рестрикција. Сметам дека засега нема потреба, но ако треба ќе интервенираме“, рече Филипче.

Министерот објасни дека неговиот личен став е таков затоа што има мала бројка на позитивни тестови, има малку хоспитализирани пациенти и, што е најважно, намален е бројот на прегледи во амбулантите. Дополнителен фактор е и тоа што состојбата во околните земји е мирна.

„Веќе повеќе денови по ред нема притисок во амбулантите, има некои одделенија, на пример Инфективната клиника, не се ни јавуваат пациенти кои имаат симптоматологија слична на ковид, па треба да се потврди или исклучи. Што значи дека нема наплив на пациенти ниту во амбулантите. Ја следиме ситуацијата и во околните земји. Во целокупниот овој период епидемиолошките криви, без разлика на тоа која земја какви рестриктивни мерки имаше, беа прилично слични. И во таа смисла насекаде е мирно во регионот, и во Србија и во Албанија. Ги гледаме и оние земји каде што наши граѓани заминуваат на летни одмори. Има некое лесно зголемување на бројката на позитивни во Грција, но сметам дека тоа не е алармантно“, објасни Филипче.