Филипче: Есенскиот бран може да биде многу поголем предизвик и од првиот и од вториот бран

43

Дополнителна мерка во справувањето со пандемијата на ковид-19 би била рестрикцијата во движењето, тоа е единственото нешто што дополнително би можело да се воведе, но засега нема никаква препорака за враќање оваа рестрикција.

Ова на прес-конференција денеска го посочи министерот за здравство Венко Филипче, но предупреди дека есенските месеци би можеле да бидат многу поголем предизвик за здравствениот систем и од првиот и од вториот бран на ковид-19.

„Пред нас имаме летни месеци. Изминатите 5-6 дена факторот на пренос е под 1 и се надевам дека така ќе остане и во следниот период и врз основа на тоа ќе видиме намалување на бројот на пациенти. Но, доаѓаат и есенските месеци, кога времето нема да биде убаво, луѓето ќе бидат повеќе на затворено, ќе почнат да работат и школите. Тоа се сериозни ризик-фактори, заедно со останатиот број пациенти, поради друга патологија кои очекувано би ги пополниле истите капацитети кои се сега пополнети, може да претставуваат навистина сериозен предизвик за нашиот здравствен систем, многу поголем и од првиот и од вториот бран, не само кај нас туку секаде“,

рече Филипче.
Тој рече дека верува оти граѓаните ќе ја сфатат сериозноста на проблемот и ќе се придржуваат до мерките, а здравствениот систем, рече, прави план за капацитетите. Покрај постоечките капацитети за пациенти со ковид-19, на располагање би се ставиле и болниците во Лешок, Јесеново, Кавадарци и други, но целта е, вели Филипче, да не дојде до тоа.

Според неговата оцена, кризата досега успешно се менаџира, а здравствениот систем е многу поподготвен отколку на почетокот.