Филипче: Носиме нови рестрикции за да избегнеме карантин

43

Филипче вели дека целта на новите рестрикции во угостителството е со цел да се избегнат „тврди мерки“ и целосно ставање под клуч на локалите.

Посочува дека ако состојбата се влоши ќе има и нови мерки како ограничување на работното време за угостителите, намалување на бројот на патници во јавниот превоз и задолжително носење на заштитна маска на отворено

Зошто луѓето новите мерки ги доживуваат како казна? Тие се носат за заштита на јавното здравје, бидејќи нема да може да издржи здравствениот систем ако има огромен број на заболени, изјави министерот за здравство Венко Филипче во денешното гостување на ТВ 24, коментирајќи ги новите рестрикции за угостителството.

„Во изминатиов период имавме значајно зголемување на бројот на заразени граѓани од 30 и 40 години и увидовме дека во огромен процент причина се настани на кои не се почитуваат мерките. И во регионот се носат рестриктивни мерки. Целта е да немаме „тврди мерки“, да затвориме се, затоа треба да интервенираме таму каде што се кршат протоколите и тоа што е извор на зараза. Секаде каде имаше настан мерките не се почитуваа и ние тоа го гледаме по епидемиолошките анкети. Целта е да се намали ризикот таму каде што очигледно има трансмисија на вирусот. Затоа се забранува музика, диџеи, се намалува гласноста на музиката на пример, со цел да се држи дистанца и секако намалување на бројот на луѓе кои седат на маса од 12 на 4“, вели Филипче.

Коментирајќи ги критиките дека поради одредени угостители кои не ги почитуваат мерките, сега ќе страда цело угостителство, Филипче вели дека сите препораки се медицински издржани и дека целта е да не се дојде до нов карантин.

„Мерките ги димензионираме врз основа на мерки кои значат намалување на вирусот. Тоа се местата на кои мерките не се почитуваат и државите прво посегнуваат по тоа. Препораките се медицински издржани има епидемиолошки принципи кои ги користиме. Мора да сфатат сите колку е сериозна ситуацијата. Да се свесни дека во периодот којшто е пред нас исклучително е висок ризикот од трансмисија на вирусот во затворени простории. Тоа е поради тоа што не сакаме цела држава да биде во карантин. Гледаме каде има прекршување на мерките и со вакви таргетирани мерки ќе го избегнеме ризикот да мораме да препорачаме целосен карантин“, вели Филипче.

Министерот посочи дека во периодот кој што следи може да дојде до наплив на пациенти во болниците. Доколку состојбата се влоши вели во план се и нови рестрикции како ограничување на работното време на угостителските објекти, намалување на бројот на патници во јавниот превоз и задолжително носење на заштитна маска и на отворено.

„Ќе процениме дали носењето маски треба да се препорача покасно во есенските месеци и зимските месеци за луѓето да се штитат и од настинки, но и од загадениот воздух заради тоа што има одредени публикации кои укажуваат на тоа дека со ПМ честичките вирусот патува подалеку, многу повеќе од метар и пол до два“, рече Филипче.