Хронично болните имаат рок до 23 септември да посетат специјалист и да добијат потврда доколку поради нивната дијагноза и состојба не можат да се вратат на работа.
Доколку ова не го завршат до 23 септември, ќе има ново пролонгирање.
Ова е заклучено на утринската средба на министерот за здравство Венко Филипче и здруженијата на пациенти „Борка“, „Живот со предизвици“, Национално здружение за МС, Здружение за ХМЛ, Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија, „Нефрон“, „Хепар“ и други, кои реагираа на владината одлука за враќање на работа на хронично болните. За да можат да го реализираат тоа, Филипче најави дека ќе бидат пуштени дополнителни термини на платформата „Мој термин“.
Готови се и измените на правилникот за боледувања во ФЗОМ, со кој специјалистот на неопределено ќе издава боледување.
„Пациентите кои имаа важечки боледувања по сегашниот систем можат да ги продолжат боледувањата без да доаѓаат на преглед. А за новиот систем за да се добие боледување кое важи подолго време, ќе има повеќе термини и е-амбуланта за да се закаже специјалистички термин. Специјалистот ќе процени дали физички да дојде пациентот или може да се процени по документација и да се даде подолго боледување“, изјави Филипче за Сител.
Владата вчера донесе одлука вработените лица што се ослободени од работа врз основа на утврдената листа на хронични болести да се вратат на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза на влошување и за оние со малигна болест, за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на која потврда овие лица ќе користат боледување.
Повеќе здруженија побараа од Министерството за здравство да објави листа кои најчести хронични заболувања ги имале починатите од компликации од коронавирусот, и граѓаните што имаат некоја од тие дијагнози и понатаму да бидат ослободени од работа.