Филипче: 29 отсто смртни случаи се пациенти кои починале меѓу 2 и 5 ден по приемот

26

Смртноста кај заболените од ковид-19 е висока кај пациентите кои доаѓаат доцна во болница, граѓаните не доаѓаат навреме, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

„Анализата покажа дека смртноста е висока, особено во првите два-три дена кај најтешките случаи. Кај околу триесет случаи ковид-19 е утврден постмортем, додека 29 отсто од смртните случаи се меѓу вториот и петтиот ден по приемот во болница што значи дека биле примени во крајно тешка состојба“, рече Филипче.

Во однос на состојбата со капацитетите на болниците кажа дека не се преполнети, па така во Инфективната клиника од 110 расположиви кревети пополнети се 90, 30 отсто е исполнетоста на болницата во Козле, а Модуларната болница е празна и од утре ќе има 72 слободни кревети. Според него, полуисполнети се болничките капацитетите во државата, освен во Охрид и во Битола каде што има по неколку слободни кревети. Доволен број слободни кревети, како што вели, има и во „8 Септември“, а сега се работи на системот на ротација на здравствениот кадар. Последнитеве денови, како што објасни, се намалува бројот на приеми, па така вчера имало 8 испишани пациенти, а примени 6, за разлика од претходниот период кога имаше огромен број пациенти што доаѓаа в болница, а практично немаше пациенти што се испишуваа.