Филхармонија со атрактивен Новогодишен, а МОБ – со Василичарски концерт

24

Во Филхармонијата на 27 декември (20 часот) публиката ќе може да ужива во гала новогодишниот концерт насловен „Слушни! Доаѓа Новата…“ со ансамблот „Јаношка“ од Австрија и под диригентската палка на маестро Борјан Цанев. Во МОБ пак, по повод новогодишните празници ќе има четири изведби на балетот „Оревокршачка“ од Чајковски, а на на 12 и 13 јануари најавува и атрактивен Василичарски концерт “Legends”, овој пат со нов симфониски аранжман на култни песни на музички легенди

Филхармонијата најави атрактивен (пред)Новогодишен концерт, а Македонската опера и балет ќе реализира атрактивен – Василичарски концерт. За одбележување на Божик и годинава во двете институции ќе нема настан. Оттаму посочуваат дека ова е пракса веќе неколку години наназад, па така љубителите на музиката, на 27 декември (20 часот) во Филхармонијата ќе можат да уживаат во гала новогодишниот концерт насловен „Слушни! Доаѓа Новата…“ со ансамблот „Јаношка“ од Австрија и под диригентската палка на маестро Борјан Цанев.

Присутните ќе можат да уживаат во музиката која ја создаваат тројцата браќа од Братислава – Ондреј, Франтишек и Роман Јаношка и нивниот роднина Џулиус Дарвас, а која претставува колоритен контраст на нивната класична наобразба со музиката од другите жанрови, од џез и латино, до поп.
„Во нивната музика не постојат матрици, специјални формули, ансамблот „Јаношка“ спонтано креира имагинатина музика. Нивниот стил не е само звук, тоа е „музика која живее“, која треба да се чуе и да се почувствува во живо“, велат од Филхармонијата, а Франтишек Јаношка ќе додаде “Сакаме нашата музика да ја придвижи публиката, да ја допре на посебен начин“.

Музичарите од ансамблот „Јаношка“ свират на сите континенти и постојано имаат нови проекти. Сите кои биле на нивните концерти, си заминуваат од концертната сала инспирирани, полни со енергија и насмевка на своето лице.

Следниот концерт во Филхармонијата “Ѕвездена музика“ е дел од редовниот репертоар, а на настанот кој ќе се случи на 23 јануари, како солист ќе настапи тромбонистот Питер Мур, под диригентската палка на Тимоти Редмонд.

Во МОБ пак, по повод новогодишните празници ќе има четири изведби на балетот „Оревокршачка“ од Чајковски, новогодишно-божикната бајка „која мириса на снег, карамела и на цимет“. Претставите се на 25 декември (12 часот), на 28 декември (20 часот) , на 29 декември (12 часот) и на 30 декември (20 часот). Вечерните претстави се со оркестар, балетски првенци, балетски солисти, балетскиот ансамбл како и ученици од ДМБУЦ – Илија Николовски Луј. Диригент е Бисера Чадловска.

Овој балет ужива огромна популарност во светот, а на публиката, велат од МОБ, никогаш не и е доста од оваа претстава пред и после Нова година, секоја година!

МОБ традиционално на 12 и 13 јануари најавува и атрактивен Василичарски концерт насловен “Легендс“, овој пат со нов симфониски аранжман на култни песни на светски музички легенди, а кои ќе бидат изведени од поп-пејачи и оперски солисти.

Во јануари, покрај гала концертот за празникот „Василица“ публиката ќе има можност да ужива и во балетот „Кармен и Валпургиска ноќ“, „Есмералда“, операта „Евгениј Онегин“ како и детската балетска претстава „Петар Пан“.