Фон дер Лајен: Целиот регион на Западен Балкан и припаѓа на ЕУ

11

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана нагласи дека пораката од денешниот самит е порака за обединување и дека „целиот регион на Западен Балкан и припаѓа на ЕУ“.

Важна тема на денешниот самит беше енергетската ефикасност, а по тој повод Фон дер Лајен на прес-конференцијата изјави дека е важно решенијата на ЕУ да важат и за регионот.

– Важно е решенијата што ги носиме во ЕУ да бидат и во регионот, се одлучивме за пакет помош од една милијарда евра за регионот. Половина ќе се инвестира во обновливи извори на енергија, што е поевтина, подобра за планетата и која ќе добие повеќе работни места за луѓето од регионот, а другиот дел ќе се инвестира во инфраструктура“, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека се договорени шест различни проекти за обновливи извори на енергија како хидроцентрали и соларни панели, кои ќе ја зголемат енергетската ефикасност на училиштата и болниците.

– Одобрени се и 40 суштински проекти поврзани со транспорт, чиста вода и преработка на отпадни води, во вредност од 1,5 милијарди евра. Економскиот и инвестицискиот план е на добар пат“, рече таа.

Фон дер Лајен повтори дека ја поддржува интеграцијата на регионот во ЕУ и дека е направен голем чекор во вистинската насока.

– Историски чекор е кандидатурата на Северна Македонија и Албанија за членство во ЕУ, а ЕК ја препорачува Босна и Херцеговина како следен кандидат“, рече Фон дер Лајен.