Харадинај вели дека, за разлика од другите опозиционери, го прочитал нацртот за Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово

5

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај изјави дека на средбата со емисарот на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, имале можност да го прочитаат нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово, за разлика од другите две опозициски партии, Демократската партија на Косово (ПДК) и Демократската лига на Косово (ЛДК), кои изјавија дека таков документ не виделе, јавува дописникот од Приштина.

Харадинај рече дека на денешната средба со Лајчак разговарале за следните чекори што го очекуваат Косово и за тоа што може да очекува Косово по спроведувањето на француско-германскиот план за изнаоѓање решение за споровите меѓу Приштина и Белград.

– Нацртот го прочитавме во целост. Нацртот ги објаснува сите можности што Заедницата им ги пружа на граѓаните во тие општини (во северно Косово). Цело време тој се повикува на законите и Уставот на Косово. Коментарите дали се согласуваме со овој нацрт ќе ги изнесеме по неговото разгледување од Уставниот суд. Во овој нацрт, надлежностите на општините не се менуваат и Заедницата не презема од овие надлежности, но има многу олеснувања кои се создаваат во образованието, здравството, функциите и можностите што ги дава Заедницата, изјави Харадинај по средбата со Лајчак.

Поранешниот косовски премиер изјави дека Косово со право бара забрзана процедура за членство во НАТО и укинување на санкциите наметнати од ЕУ.

Според него, на Косово треба да му се гарантира дека нема да има грижи од обврските што ги добива денеска.

– Сметаме дека треба да имаме разбирање од земјите-членки на НАТО, дури и оние кои не не признаваат, да дозволиме почеток на договорните односи за директно членство во НАТО со кратка процедура, како што се случи со Шведска и Финска, рече Харадинај.

Лидерот на ПДК, Мемли Красниќи и потпретседателот на ЛДК, Љутфи Хазири, изјавија дека Лајчак на денешната средба не им го презентирал нацртот, кој одделно им беше презентиран од западните дипломати на косовскиот премиер Албин Курти и на српскиот претседател, Александар Вучиќ, на 21 октомври. Сепак, според Красниќи и Хазир, должност на косовската влада е да покаже транспарентност и да ја информира јавноста и опозицијата за содржината на нацртот, за кој Курти рече дека е прифатлив за Косово.

Лајчак, кој вчера попладне допатува во ненајавена посета на Косово, објави дека со вицепремиерот и главен преговарач на Косово, Бесник Бислими, со кого се сретна синоќа, постигнал договор за следните чекори во дијалогот меѓу Приштина и Белград.