Харадинај до Курти: За разлика од тебе, коj му се предаде на српскиот режим, специјалците не се предадоа на 24 септември

7

Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, му порача на премиерот на Косово, Албин Курти, дека, за разлика од него, кој во војната во 1999 година му се предаде на српскиот режим, припадниците на Специјалната единица на косовската полиција, кои сега ги навредува, „не се предадоа на 24 септември, туку се бореа и ги победија терористите спонзорирани од Србија“, јави дописникот од Приштина.

Реакцијата на Харадинај уследи откако порталот „Албаниан пост“ објави напис во кој тврди дека има ексклузивни сознанија за тоа што се разговарало на средбата меѓу припадниците на Специјалната единица за интервенции и премиерот Курти на 15 ноември.

Станува збор за средба што се одржа по масовниот протест на оваа единица на косовската полиција на почетокот на ноември, поради незадоволство од платите и од новата одлука за додатоци на плата за нивните единици.

– За разлика од тебе премиере, кој во војната му се предаде на српскиот режим, без отпор, припадниците на Специјалната единица, кои денес ги навредуваш, не се предадоа на 24 септември, туку се бореа и ги победија и посрамотија терористите спонзорирани од Србија, му порача Харадинај на Курти преку својата страница на Фејсбук.

На средбата, според претходните информации, специјалците му ги презентирале своите барања на косовскиот премиер, а „Албаниан пост“ за првпат изнесува наводни детали од текот на преговорите.

Порталот тврди дека специјалците биле „запрепастени“ од изјавите на Курти и одговорите на нивните барања. Наводно не сакал ниту да ги ислуша нивните барања и директно им порачал дека нема да им ги сиполни барањата, бидејќи „не може да им се предаде“ и дека тоа не му е приоритет. Тој, тврди порталот, ги критикувал за начинот на кој протестираа пред косовската влада.

Истиот медиум тврди и дека за нивната акција на 24 септември во село Бањска, која претходно ја пофали, Курти сега ним лично им рекол дека „тоа што го направија во Бањска не претставува никаков успех од нивна страна, бидејќи убиле три лица од дистанца со снајпер“.

– Косовската полиција е еден од најголемите успеси на нашата земја. Не ја навредувај полицијата, затоа што те знаеме кој си. Исполни ги нивните барања, напиша опозицискиот лидер и поранешен косовски премиер, Харадинај.