Харви Вајнстин ќе им исплати 25 милиони долари на жените кои го обвинија за сексуално вознемирување

37

Моќниот холивудски продуцент Харви Вајнстин постигнал привремен договор да им исплати 25 милиони долари на десетици жени кои го обвинија за недолично сексуално однесување, изјавија неговите адвокати.

Околу 30 актерки и негови бивши вработени ќе добијат дел од оваа сума, но само доколку сите страни се согласат со зделката.

Вајнстин се соочува со ново судење следниот месец и доколку биде прогласен за виновен за силување и сексуален напад, би можел да добие доживотна казна затвор. Судењето ќе почне на 6 јануари и се однесува на обвинувања од 2006 и 2013 година.

„Њујорк тајмс“ прв ги објави деталите од договорот, што потоа беа потврдени од адвокатите на Вајнстин. Тој предвидува прекин на сите граѓански парници против Вајнстин поврзани со овие случаи и не го принудува да се изјасни како виновен. Сумата од 25 милиони долари е дел од поголем пакет од 47 милиони што треба да ги покрие и судските трошоци.

Иако исто така го обвинија Вајнстин за сексуално вознемирување, славни актерки како Анџелина Џоли и Гвинет Палтроу не беа дел од овој судски процес.