Харисон Форд се повредил на снимањето на „Индијана Џонс 5“

17

САД- Актерот Харисон Форд (78) го повредил рамото додека вежбал сцена со борба за претстојниот филм „Индијана Џонс 5“, потврди денес Дизни .

„Во текот на пробите за сцена со борба, Харисон Форд се здоби со повреда на неговото рамо“, рече Дизни во изјавата за Инсајдер. „ Распоредот на снимањата ќе зависат од третманот на лекување“.

Степенот на повредите на Форд не е познат, велат извори за „Дедлајн“, кој прв ја објави веста.

Форд ќе ја повтори својата легендарна улога на археолог кој тргнува во авантури 14 години по последниот филм, „Индијана Џонс и кралството на кристалниот череп“ од 2008 година.

Снимањето на долгоочекуваниот петти филм во франшизата започна на почетокот на јуни во Велика Британија и славното студио Pinewood. Ова е прв филм за Индијана Џонс кој не е во режија на Стивен Спилберг. Наместо тоа, режисер е Џејмс Манголд („Логан“, „Форд v Ферари“). Спилберг се јавува во улога на продуцент на филмот заедно со шефот на Лукасфилм, Кетлин Кенеди и продуцентот на франшизата Френк Маршал.

Форд немал многу среќа во Пиневуд во минатото. Додека таму го снимаше „Војна на ѕвездите: Силата се буди“ во 2014 година тој ја скрши ногата на сетот кога хидрауличната врата на Милениумскиот сокол слета на него.

Во „Инди 5“ играат уште Мадс Микелсен, Фиби Валер-Бриџ и Тоби Џонс.

Премиерата на филмот е закажана за 29 јули 2022 година. Не е јасно дали повредата на Форд ќе влијае на датумот на прикажување на филмот.