Хари и Меган им се заканија со тужби за таблоидите

7

Принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл се заканија дека ќе преземат судска постапка откако таблоидите објавија фотографии од поранешната војвотка од Сасекс со нејзиниот син Арчи во Канада, јавија британските медиуми.

Според дневниот весник „Гардијан“ и каналот „Скај њуз“, адвокатите на двојката посочиле дека тие фотографии биле направени од фотограф кој се криел во грмушка без знаење на Меган Маркл на островот Ванкувер, каде Хари им се придружил на сопругата и синот во понеделникот вечерта.

Тие се жалат дека папараците постојано ги демнат, дури и откако се откажаа од кралските должности за да започнат нов, самостоен живот.

Таблоидите „Сан“ и „Дејли мејл“ објавија и снимки од поранешната американска актерка како го шета својот син и нејзините две кучиња.

Во есента, парот поднесе тужба против некои весници поради нарушувања на приватноста и телефонско прислушување.

„Ја изгубив мајка ми и сега гледам како жена ми е жртва на истите моќни сили“, рече помладиот син на Лејди Ди, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година додека нејзиниот автомобил беше следен од папараци.

Нивното исклучување од британската монархија ќе се случи напролет. Тогаш веќе нема да бидат активни членови на кралското семејство и нема да носат кралски титули.