Хуавеи со втора тужба против САД за забраната за купување нејзина опрема

6

Кинеската телекомуникациска компанија Хуавеи покрена тужба во американски федерален суд против забраната на администрацијата на Трамп за купување опрема од оваа компанија.

Ова е втора тужба од Хуавеи да се справи со тврдењата на Владата на САД дека оваа опрема претставува закана за националната безбедност.

Првата тужба беше покрената во март, откако Конгресот минатата година донесе закон со кој им забрани на владините агенции да соработуваат со овој технолошки гигант.

Компанијата смета дека нема основа за ваквата одлука оти не постојат докази дека Хуавеи претставува закана за националната безбедност на САД.

САД и други држави стравуваат дека технолошките компании лоцирани во држави како Кина можат да бидат под државно влијание, што би ја направило мрежата небезбедна.

Претседателот на САД Доналд Трамп во мај донесе извршна наредба, со која им забрани на американските компании да користат телекомуникациска опрема од компании кои претставуваат безбедносен ризик.