Царовска: Наставата ќе биде со физичко присуство се додека дозволува епидемиолошката состојба

8

Создадени се услови почетокот на новата учебната година, на први септември, да биде со физичко присуство на учениците. Предлогот на Министерството за образование и наука бил прифатен на вчерашниот состанок на Главниот координативен кризен штаб, што го водеше премиерот Зоран Заев, а денеска Владата ќе донесе одлука согласно протоколите, потврди министерката за образование Мила Царовска.

-Искуството од мината година покажа дека училиштата имаат капацитет за спроведување на настава со физичко присуство и се додека го дозволува епидемиолошката состојба и секако Комисијата за заразни болести подобро е да се спроведува на овој начин иако имаме подготвени три модели за следење на наставата, рече таа.

Како што појасни Царовска, донесени и посебни протоколи, кои опфаќаат носење маски, почесто миење на рацете, проветрување на просториите и распоред на влегување во зградата за да нема метеж.

Царовска појасни дека согласно протоколите епидемилошката служба во училиштата одлучува дали ќе има трансмисија на Ковид-19 доколку се појави дете со зараза во некое одделение и согласно проценките ќе биде одлучено дали некој ученик или целото одделение ќе оди во изолација.

-Нема подобро образование од тоа со физичкото присуството. Мината година учениците носеа маска за време на наставата од кои се ослободуваа за време на паузата и тоа се покажа како успешен модел. Ќе се направи распоред на влегување, директорите и наставниците имаат поддршка од МОН и заеднички ќе ја спроведеме наставата успешно, додаде таа.

Министерството за образование досега разгледуваше три можни сценарија за изведување на наставата: со физичко присуство, онлајн настава за учениците над четврто одделение и ротирање на учениците преку една недела со физичко присуство. Оттаму потврдија дека учебната година сигурно ќе започне на 1 септември и дека се вакцинирани околу 60 отсто од наставниот кадар. Од владата информираат и дека се очекува до септември зголемување до 80 отсто вакцинирани од вкупниот број вработени во училиштата.