Царовска со директорите на училиштата: Наставата во првото полугодие заврши

35

Иако на почетокот на училишната година отпорот кон онлајн наставата беше голем, сепак хибридниот модел ги даде посакуваните резултати во вонредни околности во какви што се работеше изминатите месеци, оценија директорите на основните и средните училишта од целата држава и министерката за образование и наука, Мила Царовска на денешниот онлајн состанок за спроведувањето на наставата во првото полугодие од учебната 2020/2021 година.

„Со над 90% ученици коишто успешно следеа онлајн настава, со помалку од 1% активни случаи на ковид-19 кај наставниците и учениците кои посетуваа настава со физичко присуство и со редовна динамика на емитување на часови на македонски и албански јазик на Националната телевизија слободно можеме да кажеме дека успешно го заокруживме првото полугодие. Наставниот материјал е поминат според предвидените скратени програми, а учениците се оценети“, рекоа директорите на состанокот.

Според Царовска, со хибридниот модел на настава: онлајн, со физичко присуство и со емитување на часови на телевизија се постигнал континуитет во наставата и истата успешно се реализирала во услови на пандемија.