Четвртиот пакет антикризни мерки ќе биде објавен в недела

21

Владата в недела ќе го објави четвртиот пакет антикризни мерки. Денеска се одржуваат последните консултации на економскиот тим министри со претставници на коморите, за утре е закажан состанок на вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска за економско-социјалниот пакет и в недела Владата треба да одлучува на седница закажана во 10 часот.

Ова го соопшти премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Љуботен.

Мерките се однесуваат на период до крајот на годината и дел ќе се носат преку одлуки на Владата, еден дел треба да поминат во Собранието. Тој смета дека тоа ќе биде завршено до 15 октомври

Според него, буџетот е во добра состојба и фокусот ќе биде на поддршка на економијата, работните места и посиромашните граѓани.

Заев најави дека е можно во декември да се разговара за следни пакети за од јануари до март, април, мај, зависно од тоа какви ќе бидат предвидувањата.

„До крајот на годината очекуваме во светот да се развијат вакцина и лекови, и со тој психолошки момент да се растовари македонското стопанство за да може уште подобро да се придвижи и економијата“,

истакна Заев.
Во однос на субвенционирањето плати по етничка основа, Заев посочи дека тоа е јасно определено во програмата, на 39-та страница во делот, каде што се истакнува водењето грижа за еднаквоста при помагањето, односно рамномерниот регионален развој.

„Граѓаните се еднакви, еднаквоста мора да биде застапена, но не може да кажеме дека сме еднакви ако Кумановскиот Регион има најмногу невработени, потоа е Скопскиот и сите други региони. Тоа значи посебна ориентација по регионите каде што има најголема невработеност. Не може да кажеме и дека ни се исто развиени селата и градовите, што значи поголем фокус на селата во делот на поддршката на работни места, инвестиции или развој на севкупните економски аспекти“,

рече Заев.